Охрид подготвен за атлетскиот викенд !

June 2, 2017

Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“, Општината Охрид, СВР Охрид и другите учесници во организацијата подготвени се за атлетскиот викенд „Охрид Трчат“ кој за прв пат ќе се одржи во нашиот град. Официјално атлетскиот викенд Охрид Трчат започна со школската трка, но сето тоа е најава за главното што следува, односно трката на 5 и 10 километри која ќе се одржи в недела со почеток во 10 часот.

– Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ како организиратор и институциите Општина Охрид и СВР Охрид подготвени сме за престојниот атлетски хепенинг Охрид Трчат. Официјално Охрид Трчат започна со школската трка која се одржа по должината на Кејот Македонија покрај Охридското езеро, а учествуваа 350 ученици од Основните училишта. В сабота пред домот на култура „Григор Прличев“ од 15 до 20 часот ќе биде експото, односно доделувањето на стартните патОеки без кои не може да се учествува. Во секој стартен пакет ќе има вграден специјален чип кој електронски ќе го мери времето на секој натпреварувач поединечно. Исто така в сабота од 17 до 19 часот професорите по физичка култура и образование заедно со поранешни атлетичари ќе имаат спортски игри со лицата со попречеснот и нивните родители. – рече Иван Цветкоски.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој беше дел од промотивното видео „И јас сум дел од тоа“ на официјалната пресконференција го доби стартниот пакет со неговото име и бројката која сам си ја посака. Тој упати пофални зборови за организацијата и го повика сите охриѓани на улиците да ги бодрат учесниците. – Нема да го скријам моето задоволство и воодушевување од организацијата на овој навистина значаен настан за Охрид. Почнувајќи од подготовките кои што се изведуваа за Охрид Трчат, така и за промотовните и маркетеншките активности и за интересот кои владее меѓу охриѓани и гостите. Атлетскиот викенд во Охрид кој во целост наликува на светските настани од ваков калибар ќе биде многу значаен од повеќе аспекти. Прво важен е за промоција на градот и доказ дека Охрид може да организира спортски настани со светски шмек.

За редот, мирот и безбедноста на учесниците ќе се грижат 50 редари волонтери, СВР Охрид заедно со сообраќајната полиција која дополнително со соопштенија ќе ги информира граѓаните за сообраќајниот режим на денот на трката.

– Сакам да им упатам честитки на организаторите за овој мега спортски настан кој значително ќе го издигне Охрид на спортската мапа. Ние како СВР Охрид на безбедносен план ќе делуваме според потребите на атлетскиот викенд и во целост ќе го контролираме јавниот ред и мир. Исто така свој голем удел ќе има и Сообраќајната полиција која ќе контролира сообраќајот во градот за беспрекорна трка. СВР Охрид дополнително ќе ги информира граѓаните за начинот на движење на сообраќајот за време на трката. – изјави потпаролот Стефан Димоски.

До сега на адресата од организаторите стигнати се 330 пријави за учество, а в недела учесниците на стартот треба да се појават до 9 и 15 часот, каде што ќе има аеробик и пилате, односно вежби за загревање.