Милош Ранчиќ и Биљана Кираџиева триумфираа на „Охрид трчаТ“

June 7, 2021

Имињата на Милош Ранчиќ и Биљана Кираџиева ќе бидат со златни букви испишани во историјата на Атлетската манифестација „Охрид трчаТ“, откако први низ целта минаа на полумаратон (21 километри), на јубилејното петто издание на најдобриот спортски настан во Охрид.

Ранчиќ делницата од 21 километар ја помина за време 1 час, 18 минути и 27 секунди, додека Кираџиева, која втора година е најдобра кај дамите триумфираше со време 1 час, 31 минута, 29 секунди. Второпласиран во машка конкуренција беше Александар Кираџиев (1.19.43), а трет финишираше Кокан Ајановски (1.21.12). Кај дамите втора на подиумот заврши Весна Кираџиева (1.40.40), а трета финишираше Маја Рајчина (1.42.09).

Во рекреативната 5-километарска трка победи Муџахид Мислимоски со време 18 минути и 38 секунди, втор финишираше охриѓанецот Дејан Ангелоски со време 19.06, а најдобрата тројка ја комплетираше Мичел Дочкалек (19.37). Кај дамите триумфираше Николина Милевска Велјаноска со време 24 минути и 17 секунди, Елена Даниловска финишираше втора со 11 секунди задоцнување (24.18), а трет заврши минатогодишната победничка Бојана Наумвоска (24.45).

Во тим билдинг на 21 километар во машка и женска конкуренција победи „Најк ран клуб“ од Скопје, а во тим билдинг трките на 5 километри триумфираше ИПА.

На јубилејното петто издание на „Охрид трчаТ“ учествуваат околу 1 000 натпреварувачи, а се беше организирано според мерките и протоколите за време на пандемија на коронавирусот.

 

Преземено од www.ohridnews.com.