Ohrid trcaT

3a.jpg

May 15, 2019

Со одржувањето на трката за Основните училишта од Охрид и Дебрца поддржана од Делегација на Европската унија во Македонија, фондацијата Климент Колески, Агенцијата за млади и спорт, Општина Охрид и компанијата Вива започнаа активностите од третото издание на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ 2019.

Стартот на училишна трка беше пред Хотелот Ројал Вју, се трчаше долж по кејот Македонија, а финишот беше пред Домот на култура Григор Прличев. Во женска конкуренција победи Нена Несторовска од ОУ Христо Узунов, а во машка триумфираше Климент Филев од ОУ Братство Единство

Со одржување на Училишната трка официјално го започнуваме третото издание на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ. Имаме нов концепт, нови соддржини и големи мотиви за организирање на Охрид трчаТ. Сите ние имаме големи очекувања и почнувајќи од денеска ги реализираме. – изјави претседателот на Атлетскиот клуб Охрид трчаТ, Јоне Станковски.

Активно се занимав со фудбал и тоа многу ми помогна во трчањето. Втор пат настапувам на оваа трка. Минатата година завршив на второто место, а годинава успеав да победам. – изјави Климент Филев, победникот во машка конкуренција

Второпласираната кај женските Мендувие Далипоска се занимава со ракомет, но е голем вљубеник во трчањето. – Сакам да трчам, но и тоа дел од подготовките кои ги минуваме тренирајќи ракомет. Добро беше да се биде дел од оваа манифестација. Ќе се потрудам да настапувам и на главниот настан и успешно да истрчам 5 километри

Активностите на Охрид трчаТ, продолжуваат в сабота на 18 мај, со Детската трка која е една најубавите манифестации во богатата програма од Ohrid running weekend.

Пласман:

Женска конкуренција:
1.Нена Несторовска ОУ Христо Узунов
2.Елена Шенгулоска ОУ Живко Чинго
3. Мендувие Далипоска ОУ Братство Единство

Машка конкуренција:
1.Климент Филев ОУ Св. Климент Охридски
2.Владимир Пердулоски ОУ Живко Чинго
3.Зоран Стојоски ОУ Св. Наум Охридски


Banja-Luka-1280x960.jpg

May 14, 2019

Најголемата и најмасовната спортска манифестација во нашиот град „Охрид трчаТ“ беше дел од јубилејниот петти полумаратон кој се одржа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Настанот број еден во Охрид имаше успешна презентација и промоција пред учесниците на експото и самата трка која се одржа по улиците на градот.

Со организаторите на полумаратонот во Бања Лука разменавме искуства и мислења, што ќе биде добре дојдено за третото издание на Охрид трчаТ и за понатаму. Гости на полумаратонот имаше од сите трки од регионов и задоволство беше да се присустува и разговара со нив. – изјавија преставниците од Охрид трчаТ.

Презентацијата на полумаратонот во Бања Лука беше трета за краток временски период на Охрид трчаТ. Атлетската манифестација од Охрид активно беше дел од полумаратоните во Мостар и Дубровник.

Охрид трчаТ ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни.


.jpg

May 13, 2019

Вљубениците во трчањето, забавата, дружењето и во градот Охрид имаат добитна комбинација во „Ohrid running weekend“, кој ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни. Подготовките за третото издание финишираат, а се ситнат деновите до почетокот на настанот кој веќе две години по ред го одбележува Охрид на спортски план. Во разговор за OhridNews, Јоне Станковски, претседателот на организациониот одбор на манифестацијата, открива како течат подготовките, целите на Охрид трчаТ, идејата за формирање Атлетски клуб, очекувањата и идните планови.

Одбројувањето за нас започна после завршувањето на последното издание на Охрид трчаТ. Охрид трчат е производ и плод на континуирана работа во текот на целата година и организациски и промотивно. Уште нецел месец имаме до третото издание на Охрид трчаТ и морам да признаам чувствуваме притисок како организатори затоа што ние не импровизираме и сме целосно посветени на она што сме го предвиделе да го реализираме, тоа и охриѓани и јавноста го очекуваат од нас. Охрид трчаТ веќе стана бренд кој што не е само препознатлив кај нас туку и надвор од земјата. Оваа година нудиме еден нов концепт и нова содржина. Покрај трките на 5 километри и 10 километри ќе има многу музика, дружење и забава. Охрид трчаТ викенд 31.05-02.06 ќе биде празник во Охрид, нешто кое верувајте не само кај нас туку како концепт и како содржина го нема на други трки. Нашата цел уште од самиот почеток беше Охрид да биде препознатлив и поразличен во организацијата на трки кои ги има во околината и во Европа и сигурен сум дека сме на вистинскиот пат. Цел месец мај и оваа година ќе биде во знакот на Охрид трчаТ. Оваа година започнуваме со училишна трка за учениците од основните училишта од Охрид и Дебрца на 15.05 со почеток во 11 часот. Мислиме и на најмалите дечиња и оваа година има трка за нив, која јас лично, а знам дека децата, родителите и целата јавност исто така со нетрпение ја очекуваат. Детската трка си има посебен шмек и убавина, градиме здрави животни навики, што е една од целите на Охрид трчаТ. Работиме во континуитет веќе се екипираме, имаме состаноци со волонтери, судии кои ке се грижат за регуларноста на трката, луѓе кои што ќе работат на настанот, продукција, медицински екипи, бидејќи безбедноста на учесниците е еден од главните приоритети. Вршиме координација и со локална самоуправа, државните органи, МВР и Пожарна, буквално со сите институции кој на било кој начин имаат допирна точка со организацијата на настанот. На самиот ден на спортската манифестација над 300 луѓе ќе се вклучени во организацијата и уште половина од тоа како логистика во периодот пред тоа и на самиот настан – изјави Станковски.

Нашата цел уште на самиот почеток беше Охрид трчаТ да биде препознатлив не не само дома туку и надвор од Македонија и затоа во изминатиот период како организација направивме календар на кои трки на Балканот ќе присуствуваме, учествуваме но и ќе го промовираме Охрид но и Охрид трчат. На овие трки ние не одиме сами, Охрид трчаТ го отворивме за секој охриѓанец кој сака да трча, да се забавува и дружи, така да секој може да биде дел од нашата екипа. Ние како организација покриваме дел од трошоците и на тој начин го помагаме учеството на луѓето кои што патуваат со нас, но за нас како организација морам да кажам дека е и дополнителен притисок обезбедувањето финансии. Покрај одличното наше учество на маратонот во Софија и полумаратонот во Мостар, пред недела дена бевме и во Дубровник каде отпатуваа вкупно 27 луѓе и можам слободно да кажам „Го освоивме Дубровник’’. Имавме одлична презентација и промоција на нашиот настан на експото (саемот за трки), остваривме нови контакти со други трки од Балканот што ни дава за право да очекуваме тркачи од околните земји. На самиот самиот настан имавме учесници на сите трки, започнувајки од детската каде што нашите најмлади учесници не израдуваа со победа и ни направија најубава промоција на Охрид, буквално беа центар на внимание на ‘’Страдун’’ и ги освоија срцата на публиката, потоа одличен настап на нашите 6 полумаратонци, а сите останати учесници трчаа на трката од 5километри, а младиот Наум Танески заврши на 4-то место. – истакна нашиот соговорник.

Во склоп на Охрид трчаТ функционира Атлетски клуб со истото име, а успешно втора година по ред активно функционира и тркачкиот клуб.

егистрирањето на Атлетскиот клуб дојде природно и спонтано. Охрид трчаТ, уште пред оформувањето на клубот направи тркачки клуб кој служеше за мотивација и за што подобра подготвеност за второто издание, а продолжи и оваа година. Главната цел на Охрид трчаТ е промена на свеста, пред се кај младите, но и кај возрасните и здрав начин на живот. Минатата година во тркачкиот клуб дојдоа неколку лица со натпреварувачки дух и на некој начин не поттикнаа да оформиме клуб и да почнеме да учествуваме на сите натпревари кои се во календарот од Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Еден голем бенефит со регистрирањето на Атлетскиот клуб имавме што Охрид трчаТ како атлетски настан влезе во официјалниот каландер на АФМ на улични трки. Моментално акцент ставаме само на дисциплините улично трчање и кросеви, а планот е да се прошириме уште повеќе и да бидеме рамо до рамо со останатите клубови од нашата земја. – потенцираше Станковски.

Викендот 31 мај, 1 и 2 јуни ќе биде во знакот на Охрид трчаТ. Активностите ќе започнат во петок со Ноќната трка а во сабота и недела ќе има богата програма за сечиј вкус.

Внесовме некои новитети се со цел целиот викенд во Охрид да биде во знакот на настанот. Активностите почнуваат на 31 мај во петок со одржувањето на Ноќната трка која ќе биде збогатена со паста забава и концерт во живо на охридските музичари и ди џеи. Сакам да изразам голема благадарност до сите угостителски објекти кои активно се вклучуваат во организацијата на настанот со својата поддршка и соработка. Во сабота, 1 јуни, учесниците на експото ќе ги подигнуваат стартните пакети, а нашите спонзори ќе имаат можност да ги презентираат нивните производи. Истиот ден ќе има панел дискусија „ЕУ за спорт“ во која ќе учествуваат директорите на најголемите трки од Балканот, а очекуваме и високи претставници од Европската унија. Вечерта на 1 јуни ќе финишираме со бродска тура и сето тоа ќе биде најава за 2 јуни кога не очекува главниот настан. Тогаш очекувам многу позитивна енергија и насмевки, сакам да го видам Охрид како пулсира во ритамот на трчањето, а за се друго ние како организација сме тука да се погрижиме градот да изгледа светски. – заврши Станковски.

Пријавувањето за учество на Охрид трчаТ може да се направи на официјалната страна Ohridtrcat.mk а трае до 26 мај кога официјално се затвара пријавниот рок.


30Days.jpg

May 3, 2019

Уште точно 30 дена преостануваат до третото издание на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ, кој заслужено го носи епитот спортски настан број еден во нашиот град.

Подготовките на организаторите за „Ohrid running weekend“ се во полн ек. Викендот 31 мај, 1 и 2 јуни ќе биде во знакот на дружењето, трчањето и уживањето во убавините кои може само Охрид да ги понуди.
Пријавувањето за учество на „Охрид трчаТ“ трае до 26 мај, а тоа може да се изврши на официјалната страна Оhridtrcat.mk.


DubrovnikOhridTrcat2019.jpg

May 2, 2019

Една од главните одлики на јубилејниот петти полумаратон во хрватскиот град, Дубровник беше експедицијата на Охрид трчаТ, која внесе позитивна енергија на експото, детската трка, пред и за време на трката, на која учествуваа 5 000 вљубеници во трчањето.

30-члената експедиција повеќе од успешно го промовираше „Ohrid running weekend“, кој влегува во финалното одбројување до третото издание. Учеството и завршувањето на трките на 5 и 21 километар беше шлагот на тортата на незаборавното искуство во Дубровник.

.

Атлетскиот викенд во Охрид ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни. Богатата понуда почнува на 31 мај со ноќната трка, на 1 јуни на програмата се детската трка и експото, а на 2 јуни е главниот настан.


Volonteri.jpg

April 24, 2019

Волонтерите од охридските средни училишта и оваа година ќе бидат двигатели на „Ohrid running weekend“ кој ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни во Охрид. Над стоттина волонтери од охридската Гимназија беа дел од првиот состанок, а бројот дополнително ќе се зголеми со ученици од останатите средни училишта.

Го одржавме првиот состанок со волонтерите од охридската Гимназија и ги запознавме со програмата и обврските кои ќе ги имаат пред и за време на целиот викенд. Вкупниот број на волонтери ќе го пополниме со членови од останатите средни училишта и лица кои не се во образовниот процес. Успешноста на еден настан многу зависи од ангажманот на волонтерите затоа ние ќе ги вклучиме во сите наши активности. Ќе одржиме уште неколку состаноци низ кои ќе ги рапсределиме обврските и максимално ќе бидеме подготвени за настанот кој од година во година ги поместува границите во охридскиот спорт. – изјави Професорот по физичко образование и култура, Наум Јамандиев.

Настанот расте од година во година, а Охрид трчаТ од спортски настан успеа да стене охридски бренд во нашата земја и надвор од неа. Импресионирана бев од настанот минатата година кој го следев заедно со моите другарки. Посакав оваа година да бидам дел од тимот на волонтери и се пријавивме сите заедно. Подготвена сум јас и моите другарки како волонтери да одговориме за обврските и задачите кои ќе ни бидат дадени од организаторите. – рече една од пријавените волонтери

Пријавувањето за учеството на викендот исполнет со трчање и многу забава во Охрид трае до 26 мај, а може да се направи на официјалната страна ohridtrcat.mk.


FlaerMal19042019.jpg

April 19, 2019

На нешто повеќе од 40 дена до третото издание на „Ohrid running weekend“, Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ ја презентираше комплетната програма. На 31 мај, 1 и 2 јуни градот Охрид, граѓаните и многуте гости ќе пулсираат во ритамот на спортот и забавата.

Годинашната програма на „Ohrid running weekend“ ќе започне со ноќна трка од 2 километри, а потоа следува „паста парти“ забава. На 1 јуни, сите пријавени ќе ги подигнуваат стартните пакети и ќе се презентира трката. На 2 јуни, на програмата е главниот настан кој ќе ги раздвижи улиците на Охрид. Потоа, следува голема забава на градскиот плоштад.

Ohrid running weekend претставува вистинско освежување за сите нас кога станува збор за спортско – туристичката понуда на Охрид и Македонија. Ова е туристички производ кој со ваков концепт претставува новина во Македонија, па и пошироко на Балканот. Ние сме убедени дека оваа наша визија ќе биде претпознатлива како во нашата држава така и во многу држави од светот и на таков начин во текот на годините ќе успееме да привлечиме многу бенефити како за самиот град и нејзините граѓани така и за самата држава. Спортот е светски социјален феномен и кога ќе го споите со музика, култура, едукација добивате хемиски резултат со таква позитивна енергија која е „вин вин“ ситуација за нашата заедница и општество. – изјави директорот на „Ohrid running weekend“, Иван Цветкоски.

Како најава за „Ohrid running weekend“ се училишна и детската трката кои никој од присутните не останува рамнодушен. Асоцијацијата има уште неколку новитети и изненадување, а останува да се пријавите и да ги откриете.


50.jpg

April 13, 2019

Точно 50 дена преостануваат до најбогатиот спортски викенд во Охрид, кој ќе биде исполнет со многу забава, дружење и трчање.

Спортската манифестација „Ohrid running weekend“ ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни, а се состоии од Атлетската манифестација Охрид трчаТ, подигнувањето на стартните пакети и ноќна трка која ќе означи почеток на богатиот викенд со спортски активности во Охрид.
Најава за „Ohrid running weekend“ ќе бидат активностите на децата од школска и предшколска возраст. На 15 мај долж покрај Кејот Македонија ќе се одржи училишната трка, додека на 18 мај дечињата од предшколска возраст ќе го разубават и раздвижат градскиот плоштад.

Организаторите имаат новитетии и изненадувања за учесниците на кои останува само да се пријават и да се забавуваат, трчаат и уживаат во Охрид.
Пријавувањето за Охрид трчаТ е во тек и може да се направи на официјалната страна ohridtrcat.mk.
Одбројувањето започна и се гледаме во Охрид !


Leon-Haan.jpg

April 1, 2019

Спортскиот новинар со богато искуство Леон Хаан ќе биде специјален гостин на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ кој ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни во нашиот град. Хаан кој долги години е дел од светската атлетска елита во Охрид ќе допатува по покана на Владо Велјаноски кој е верен пријател на Охрид трчаТ.

– Јас сум секогаш заинтересиран за луѓе, култури, обичаи. За спортски репортер и коментатор и овие работи се многу важни посебно кога ќе се одбележува достигнување на спортистот. Спецификата во овој дел ја има посебно атлетиката бидејќи станува збор за спорт кој го практикува цел свет, го има секаде, од градови,села до острови. Јас како 7 годишно дете почнав да се занимавам со атлетиката и од тогаш атлетиката доминира со мојот живот. Прво бев активен како атлетичар а сега како репортер/коментатор.. Во почетокот на деведесетите бев пет пати шампион на Холандија. Учествував како репрезентативец на Холандија на Европски и светски првенства во неколку наврати, додека мојата кариера како спортист ја завршив во 1995 година. Кариерата на тоа што го работам и сега ја започнав во 1990 кога дипломирав на новинарство. Во 1995 година започнав да работам за Еуроспорт како коментарот за атлетика . Во 1999 се префрлив во Холандската национална телевизија во оделот за спорт, наречен НОС Студио Спорт. Од тој период сум присутен на сите европски и светски атлетски првенства а од 2000 година на сите олимписки игри. Сум правел интервјуа со разни светски атлетски легенди и тоа : Усаин Болт,Сегеј Бубка,Хаиле Гебресиласие, Пола Ретклиф, Елиуд Кипчоге и многу други. Мене многу ми значи од каде кој доаѓа, кој и од каде му се корените, поврзаноста со фамилијата дома, традицијата така што овој мој интерес во годините направи добро да се запознам со Владо Вељаноски мојот колега по потекло од Охрид, редовно го прашував за неговото потекло, за Македонија, за Охрид. Многу ми е мило што и Владо ќе е на ова патување така што ќе имаме можност да се запознаеме повеќе со неговиот роден крај, ќе направиме една мала турнеа низ Македонија бидејќи навистина имам голема желба да се запознам и да ги видам убавините на Охрид и Македонија. Им благодарам на организатроите на Охрид трчаТ за поканата и за мотивот плус мојата долгогодишна желба да ги посетам Охрид и Македонија да ми се оствари.Верувајте многу ми е мило што ќе патувам за Охрид и Македонија. Нестрпливо чекам што ќе видам, каде ќе трчам, со кого ќе се запознам и секако каде Владо и Охрид трчаТ ќе ме шетаат. Јас никогаш не заборавам да трчам, важно е за секоја заедница да се има вакви настани и да се поддржуваат. Трчањето/атлетиката е народен спорт, спорт за секого доколку го практикуваш паметно и здраво. Се надевам дека многу Македонци и многу луѓе од надвор од Македонија ќе учествуваат на Охрид трчаТ. Мене како Холанѓанец ќе ми е посебно задоволство да учествувам на Охрид трчаТ како рекреативец и новинар. Сега ми е најважно да уживам и да сум среќен. Верувам дека ќе е прекрасно, задоволството е на прво место. На крај да заклучам, ми се идат во Охрид! – изјави Хаан.

Задоволството од доаѓањето на реномирано име какво што е Хаан не го криеше Директорот на трката, Иван Цветкоски.
– Отвореноста, широчината во комуникација, љубовта спрема Охрид, секогаш треба да се дел од нашето секојдневие тоа треба да е дел од нашата култура на живеење. Ние како организација уште од самиот старт се обидуваме на ваков начин да функционираме и многу ми е мило што се повеќе и повеќе охриѓани кои живеат надвор од МКД го прифаќаат таквиот стил на комуникација и постануваат дел од нашата организација во овој случај дел од Охрид трчаТ.Владо Вељаноски е главниот виновник зошто ние ќе го имаме еден од најдобрите, со големо искуство атлетски репортери и коментатори од Европа во Охрид на Охрид трчаТ. Владо е докажан поддржувач на Охрид и се што се случува во Охрид, горд што е охриѓанец и горд на неговото потекло така што многу ни е мило што заеднички ќе успееме во ова наша мала мисија да го афирмираме и промовираме нашиот град пред холандската јавност. Навистина ни претставува особено задоволство и чест што Леон и Владо ќе се дел од Охрид трчаТ, нашата визија за спортски Охрид , за европски Охрид сум убеден уште поинтензивно ќе ја градиме во наредниот период и се надеваме дека ваквите примери за соработка и градење на подобра иднина за Охрид ќе има се повеќе и повеќе поддржувачи во и надвор од Охрид. – истакна Цветкоски.

Пријавувањето за учество на Охрид трчаТ е во тек, а заинтересираните можат да го потврдат на официјална интернет страна ohridtrcat.mk.


MostarPromo1.jpg

March 28, 2019

Најголемата спортска манифестација во Охрид, Атлетскиот викенд Охрид трчаТ имаше повеќе од успешна промоција на полумаратонот во Мостар кој се одржа во саботата на 23 март. Ова е прва промоција од неколкуте на Охрид трчаТ во пресрет на третото издание кое ќе се одвива на 31 мај, 1 и 2 јуни во Охрид. Експедицијата на Охрид трчаТ броеше 15-ет членови.

Охрид и Охрид трчаТ во Мостар, наша желба беше уште од минатата година, тимот кој броеше 15 тркачи, професионалци и рекреативци, имаше повеќе од успешно преставување во Мостар на спортската манифестација Мостар полумаратон. Повеќето трчавме на рекреативната трка додека четворица трчаа на полумаратонот и нашиот најмлад член Михаил на детската трка, сите успешно ги завршија трките и притоа, верувајте, многу се забавуваа. Покрај овој да го наречам спортски дел Охрид трчаТ имаше преставување за време на Мостар ЕКСПО, имавме многу разговори и градевме многу планови за во иднина со повеќе спортски организации кои се организатори на вакви настани и посебно би сакал да истакнам дека имаме и неколку плодни разговори и со туристички агенции кои го развиваат активниот туризам од неколку држави од Балканот кои беа заинтересирани за соработка со нас и Охрид. Покрај целиот овој официјален дел имавме можност и да се запознаеме со убавините на Мостар, град на УНЕСКО, град кој покрај целото турболентно минато во децениите наназад одлучил да продолжи напред и да гради многу нови пријателства, одлучил да живее и да промовира вредности кои значат подобра иднина за сите жители на Мостар. – изјави Иван Цветкоски, директор на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ.

Тој додаде дека следна промоција Охрид трчаТ ќе има во април месец во Дубровник со учеството на Du Motion Running Days, каде градот и најголемата спортска манифестација во Охрид ќе бидат промовирани пред 60 држави.

Пријавувањето за учество на Охрид трчаТ е во тек и може да се потврди на официјалната страна ohridtrcat.mk.